Надлежните служби во Бугарија вршат детална хемиска анализа за точно утврдување на видот на експлозивот што беше употребен при неодамнешниот напад врз бродот „Челси-3“ во Црното Море. Оваа информација денеска ја потврди бугарскиот премиер Румен Радев, посочувајќи дека паралелно продолжува и вештачењето на пронајдените остатоци од беспилотните летала.

Истражните органи работат со исклучителен интензитет на расветлување на целиот случај. Радев најави дека веќе утре во земјата пристигнуваат специјализирани тимови од сојузничките земји, опремени со најсовремена високотехнолошка опрема за детекција и форензика.

„Се надеваме дека во најскоро време ќе добиеме некаков одговор за тоа каков вид дронови се во прашање“, истакна Радев.

Изјавата на Радев следуваше по информациите од министерот за транспорт и врски Георги Пеев, кој претходно потврди дека се пронајдени остатоци што се предмет на стручна анализа. Пеев, за време на обраќањето во пловдивското село Калојаново, појасни дека нема детални сознанија за видот и точната локација на пронајдените материјали. Тој додаде дека ресорното министерство е надлежно исклучиво за управување со бродскиот сообраќај во појасот од 12 наутички милји, како и за организација и раководење со операциите за пребарување и спасување.