Алкохолизиран го нарушувал јавниот ред и мир
Триесет и петгодишен жител на Росоман бил приведен откако во алкохолизирана состојба го нарушил јавниот ред и мир, не постапувал по наредбите на полицијата, а претходно физички нападнал 18-годишник со стаклен предмет.
Инцидентот се случил на 31 мај околу 00:40 часот, кога полициски службеници од ОВР Кавадарци го привеле И.А. од Росоман на улицата „Пролетерска“.
Според информациите од полицијата, тој во видно алкохолизирана состојба се однесувал дрско и непристојно и не постапувал по наредбите на полициските службеници при извршување службени дејствија.
Дополнително било пријавено дека во угостителски објект во Росоман физички го нападнал Л.Л. (18) од селото Паликура, при што употребил стаклен предмет.
По извршените проверки било утврдено дека И.А. бил под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,03 промили алкохол во крвта.
Претходно бил пријавен и за објави насочени кон градоначалникот
Од МВР информираат дека ден претходно, на 30 мај, со И.А. бил извршен службен разговор по пријава дека во периодот од април до денот на пријавувањето преку социјална мрежа објавувал содржини насочени кон Ѓ.К. (37), градоначалник на Општина Росоман.
Според пријавата, објавите кај оштетениот предизвикале чувство на страв и загрозеност.
За двата настана бил известен јавен обвинител, а по нивното целосно документирање против И.А. ќе бидат поднесени соодветни пријави.
