Турскиот државјанин Седат Пекер не поседува фалсификуван македонски пасош со негова фотографија, а туѓ идентитет, тврдат адвокатите Дублин Караџа и Јасмин Калач преку соопштение во кое ги демантираат ваквите информации, пренесува ТВ 21.
„Реис Седат Пекер категорично и целосно ги отфрла содржината на насловите и прилозите емитувани на порталите и медиумите како невистинити и тенденциозни. Дезинформирањето на јавноста со свесна намера да се наруши угледот на господинот Седат Пекер се гледа од тоа што прилозите се подготвени надвор од професионалните новинарски стандарди, а пренесените вести се во целост лажни“, велат во соопштението во кое се бара и јавно извинување од медиумите кои објавиле таква информација.
За поседувањето македонски пасош на Седат Пекер на прес -конференција зборуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Повикувајќи се на документи што ги поседува, Мицкоски рече дека Седат Пекер од Турција, кој бил протеран од Македонија, се појавил во полициската станица во Драчево и се сликал за личен документ под името Џадин Адемовски, како бизнисмен.
Премиерот Зоран Заев, пак, денеска одговараше на конкретно новинарско прашање за тоа дали Пекер се среќавал со негови коалициски партнери. Во одговорот Заев не негираше дека Пекер е еден од оние што добиле фалсификуван пасош и притоа нагласи дека тој што работел на нелегалното издавање пасош е дел од самата постапка која е процесирана пред правосудните органи.
„Господинот што го спомнавте е еден од тие што добиле фалсификуван пасош, истовремено е осомничен за одредени дела во Турција. МВР го избрка како персона нон грата од државата по други видови постапки. Секако тој што работел на нелегалното издавање пасош е дел од самата постапка која е процесуирана пред правосудните органи. За тоа дали се гледале коалициски партнери или луѓе од мојата партија или слично, апсолутно никој не можел да знае дали некој е осомничен за нешто, дали некој заднински работел на некакви нелегални пасоши или слично. Апсолутно не гледам вина во тоа. Јас сум запознаен дури и кој од колегите, партиите партнери имале средба на негово барање низ чаршијата и на други места, но апсолутно не може да се каже дека некој има вина поради тоа зашто нормално е кога некој ќе побара средба и да ја закаже средба. Но институциите функционираат и го дадоа резултатот“, рече Заев.