Реконструкцијата на Владата била една од темите на дискусија денеска на првата седница на Централното собрание на ВРЕДИ по формирањето на партијата.
– Во таа насока беше отворена дебата за перформансите на носителите на јавни функции, со цел евентуалните промени да придонесат за поголема ефикасност, одговорност и побрза реализација на обврските преземени пред граѓаните – соопшти Вреди по седницата, на која се разговарало за актуелните политички случувања, приоритетите за наредниот период, како и за натамошното јакнење на партиската организација.
Централното собрание направило и анализа на досегашната работа на ВРЕДИ.
– Се разговараше за постигнатите резултати, предизвиците со кои се соочува партијата и приоритетите за периодот што следува, со акцент на координацијата на структурите, активностите на терен и континуираната комуникација со јавноста. Значаен дел од седницата беше посветен и на консолидацијата на ограноците и зајакнувањето на партиската структура во сите средини. ВЛЕН оценува дека силната организација на терен е предуслов за поквалитетно претставување на граѓаните, како и за побрзо препознавање и адресирање на нивните потреби. ВРЕДИ и понатаму ќе работи со целосна политичка и институционална одговорност, посветена на реализација на приоритетите и очекувањата што произлегуваат од довербата добиена од граѓаните, се вели во соопштението.
Извор: Курир
