Во 52 европски земји до сега починале најмалку 1.000.288 луѓе, наведува АФП.

– Сега сме во критичен момент на пандемија. Траекторијата на оваа пандемија е нагорен тренд, експоненцијалниот раст е јасен, рече Марија Ван Керкове од Светската здравствена организација.

Таа посочи дека ова не е ситуација којашто некој ја очекувал по 16 месеци пандемија бидејќи беа воведени повеќе мерки за контрола на истата.

Во светски рамки, вирусот однесе повеќе од 2,9 милиони животи, додека скоро 136 милиони се заразени.

И покрај лошите вести во Европа, Велика Британија ги ублажи ограничувањата од вчера за првпат по неколку месеци, отворајќи ги пабовите и фризерските салони.

Ова покажува како земјите каде што е забрзана вакцинацијата ги оставаат оние, главно посиромашни, далеку зад нив.

Во Јужна Африка, претседателот Сирил Рамафоса повика на производство на африкански вакцини, бидејќи континентот заостанува поради недостаток на суровини, недостаток на залихи и пари и логистички проблеми.

Во Индија, драматично се зголемува бројот на заразени и мртви, а експертите сметаат дека главниот проблем е во тоа што маси луѓе, главно без маски, се собираат на политички митинзи и верски фестивали.

Соседен Бангладеш најави заклучување на земјата со затворање на меѓународниот и домашниот сообраќај, како и на компаниите.

Во муслиманските земји верниците се собираат по повод почетокот на месецот Рамазан. Во Египет, најнаселената арапска земја, мерките за хигиена се помалку строги отколку пред една година кога џамиите беа целосно затворени за време на полицискиот час.

Саудиските власти дозволија само вакцинирани лица да учествуваат во аџилакот на умра на почетокот на Рамазан.

Протести беа забележани вчера во Италија поради мерките за блокада, па стотици луѓе излегоа на улиците во Рим.

Во Франција, која сега е европска земја со најмногу инфекции, сè поинтензивната вакцинација поттикнува оптимизам кај жителите. Сите луѓе постари од 55 години сега имаат право на вакцинација против коронавирусот.