Пожарот кај Желино отвори сомнеж за подметнување со запалени гуми
Пожар зафати дел од планината кај селото Желино околу 13:15 часот, а брзата реакција на пожарникарите од Тетово и Скопје, Центарот за управување со кризи и еден хеликоптер спречи проширување кон населените места.
Градоначалникот на Желино, Блерим Сејдиу, со остра изјава обвини за можен човечки фактор и намерно подметнување.
Пронајдени запалени гуми на местото на пожарот
„Според директорот, нашите информации и пожарникарите, тука се пронајдени три запалени гуми за кои се сомневаме дека се намерно фрлени“, рече Сејдиу. Тој истакна дека се работи со обвинителството и полицијата од Тетово за да се откријат сторителите, нарекувајќи го делото „грозоморно“ и штетно за имотите, земјиштето и шумата во областа.
ЦУК: Нема опасност за селото
Директорот на ЦУК, Мухамет Али, потврди дека населените места не се загрозени. „Како што рече и градоначалникот, човечкиот фактор е присутен. Заедно со градоначалникот и екипите, ќе биде изгаснат“, изјави тој.
Властите најавуваат санкции за сторителите и апелираат на совесно однесување за да се избегнат вакви еколошки и материјални катастрофи.