Во Институтот за судска медицина во Приштина денеска е завршена обдукцијата на телата на тројцата убиени Срби за време на вооружениот конфликт на 24 септември во Бањска кај Звечане, по што семејствата на загинатите денеска ги презедоа нивните тела, јави дописникот на МИА од Приштина.
Еден од правните застапници на семејствата на убиените Срби при преземањето на телата изјави дека резултатите од обдукцијата ќе бидат познати за 15 дена.
Пред Институтот за судска медицина во Приштина беа присутни и адвокати на семејствата на жртвите и припадници на косовската полиција.
Во судирот на вооружена група Срби со косовската полиција во Бањска, кој настана откако беше убиен косовскиот полицаец Африм Буњаку, беа убиени тројца од неколкуте десетици напаѓачи.
Медиумите објавија дека станува збор за лицата Стефан Недељковиќ, Игор Миленковиќ и Бојан Мијаиловиќ, сите тројца државјани на Косово, со тоа што Миленковиќ и Мијаиловиќ имале и српско државјанство. Недељковиќ е жител на Звечане, додека другите двајца се од Лепосавиќ.