Семејствата на жртвите од пожарот во Пулс бараат образложение за обвинителниот акт
Семејствата на жртвите од пожарот во Пулс доставија писмено барање до Основното јавно обвинителство во Кочани, со кое бараат итна директна средба со јавните обвинители. Барањето следи по неодамнешното јавно образложение на обвинителниот акт кое го даде обвинителот Љупчо Коцевски, што, според родителите, не било доволно разбирливо.
– Како што веќе најавивме во саботата, денеска доставивме писмено барање за средба со обвинителите за подетално да ни ја образложат истражната постапка и обвинението. Претходно ја добивме информацијата дека од Обвинителството се подготвени да се сретнат со нас и откако меѓусебно ќе се договориме, ќе доставиме известување за можниот термин на средбата – изјави Марија Петрушова, мајка на едно од починатите деца во „Пулс“.
Родителите бараат транспарентност и јасно разбирање на истрагата
На последниот „Марш за ангелите“, родителите повторија дека не се правници и дека не го разбираат целосно обвинението. Истакнаа дека очекуваат Основното јавно обвинителство да ги запознае со сите аспекти на истражната постапка, како и со деталите на поднесениот обвинителен акт. Според нив, од исклучително значење е да знаат кои се физичките и правните лица опфатени со обвинението, против кого се води постапка и кои се изземени од одговорност.
Родителите нагласија дека како директно засегнати не треба да добиваат информации преку медиуми или неофицијални извори. Затоа, повикаа на транспарентност и отворена комуникација со институциите.
Поддршка од организации и институции
За следење на постапката, родителите побараа поддршка и од Коалицијата за правично судење и од Транспаренси Македонија, со цел да се обезбеди транспарентност и отчетност од страна на надлежните органи. Настанот и поднесувањето на барањето се дел од пошироките напори на семејствата да добијат одговори за причините и одговорностите за трагедијата која го потресе Кочани.