Финските безбедносни и правосудни власти започнаа опсежна истрага по серијата сомнителни провали и обиди за насилен влез во приватните домови на повеќе пратеници. Случаите предизвикаа сериозна загриженост во политичките кругови во Хелсинки, по што државниот врв побара итна реакција од полициските служби.

Претседателот на парламентот, Јуси Хала-ахо, на официјална прес-конференција потврди дека законодавниот дом е детално запознаен со овие безбедносни инциденти. Тој истакна дека институциите располагаат со конкретни индиции за обиди за пробивање на безбедноста во домовите на неколку истакнати политичари, нагласувајќи дека станува збор за поголем број пријави кои не се случиле одеднаш, туку биле евидентирани во подолг временски период, почнувајќи од пред приближно една година.

„Не можам прецизно да зборувам за бројот на случаи што ги знаеме, но во секој случај тоа е значителен број. Во оваа фаза, немаме информации за мотивот или кој стои зад сè“, вели Јуси Хала-ахо.

Потпретседателката на парламентот, Паула Рисико, која раководи со парламентарната група за безбедност, соопшти дека минатата недела била информирана за сите сомнителни случаи. Таа посочи дека почетната фаза од истражната постапка ѝ е доверена на полицијата во Хелсинки, од каде што потврдија дека е отворена прелиминарна истрага, но засега одбиваат да откријат оперативни детали за да не го загрозат процесот.

Во меѓувреме, финскиот весник „Илта-Саномат“ објави дека пратениците веќе добиле официјални упатства за зголемена будност, како и насоки веднаш да го пријават секое сомнително движење или непознати лица во близина на нивните домови. Медиумите наведуваат дека веќе се потврдени најмалку два конкретни случаи на успешни провали кај парламентарци.

Финскиот претседател Александар Стаб остро реагираше на безбедносните закани, потенцирајќи дека какви било напади насочени кон избраните претставници на народот значат директен удар врз уставниот поредок.

„Ова не смее да се дозволи или прифати во никаква форма“, вели Александар Стаб.