Во Унгарија рапидно расте бројот на заболени од сифилис, при што дел од инфекциите завршуваат со смртен исход, покажуваат најновите податоци на Националниот центар за јавно здравје и фармација. Само во последните три месеци од годинава се регистрирани 747 нови случаи, од кои 516 во руралните средини и 231 во Будимпешта, а заклучно со 12 ноември се евидентирани 144 случаи на вроден сифилис, од кои дури 31 завршиле смртно, при што 26 фетуси починале во матката, а пет новороденчиња по раѓањето. Сифилисот во моментов е најбрзорастечка сексуално пренослива инфекција во земјата, со пораст на пријавените случаи од 777 во 2020 година на 2.462 во 2025 година.
Според податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), стапката на зараза во Унгарија е шест пати повисока отколку во Романија и дури 20 пати повисока отколку во Хрватска, а земјата бележи и најголем број случаи на вроден сифилис во Европската Унија. Во текот на 2024 година, од вкупно 140 регистрирани случаи на вроден сифилис во ЕУ, Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, 42 биле евидентирани во Унгарија, што претставува 30 отсто од вкупниот број, позиционирајќи се пред Бугарија со 30 случаи, додека 14 европски земји не пријавиле ниту еден случај. Загрижувачкиот тренд продолжува и натаму, при што лани инфекцијата била откриена кај 91 новороденче, што претставува 126 случаи на 100.000 живородени деца и е повеќе од двојно над поставената цел на Светската здравствена организација од 50 случаи, а во првите осум месеци од 2026 година веќе се забележани 100 вакви случаи.
Истражувањето на стручњаците од Универзитетот „Семелвајс“, кое опфатило 180 трудници со сифилис во периодот од 2015 до 2025 година, покажало дека кај 75 отсто од нив инфекцијата била откриена дури во вториот или третиот триместар од бременоста. Дури 94 отсто од нив немале никакви симптоми во моментот на дијагностицирањето, што значително го скратило времето за навремено спречување на преносот врз плодот. Иако болеста предизвикана од бактеријата Treponema pallidum успешно се лекува со антибиотици, најчесто со пеницилин, нејзиното ненавремено откривање може да доведе до сериозни оштетувања на нервниот и кардиоваскуларниот систем, спонтан абортус или тешки последици кај новороденчето.
Поради алармантната состојба, унгарските здравствени власти во 2026 година усвоија нов национален протокол со кој се воведува задолжително тестирање на сифилис во првиот триместар од бременоста, проследено со повторно тестирање за сите трудници меѓу 24-тата и 28-мата недела. Дополнително, се воведува и брзо тестирање при самото породување за жените кои не посетувале пренатални прегледи или спаѓаат во ризични групи, при што при позитивен наод терапијата со пеницилин мора да започне во рок од три дена, а пронаоѓањето и известувањето на сексуалните партнери во рок од два дена со цел да се пресече натамошното ширење на заразата.
