Протест за правда: Граѓаните не отстапуваат од барањата
Правда за Фросина е главното барање на денешниот протест во Кавадарци. На протестот се собраа семејството, пријателите и граѓаните за да ја искажат својата поддршка. Росица Кулакова, сестрата на трагично загинатата Фросина, упати јасна порака. Случајот не смее да се повтори, а сите одговорни мора да одговараат.
„Бараме одговорност не само од возачот, туку и од неговиот татко и ид судијката Даниела Алексовска-Стојановска.“ – изјави Кулакова пред насобраните граѓани.
Морална одговорност и интегритет во јавните функции
Кулакова потенцираше дека општеството е огледало на вредностите кои ги носат оние што го водат. Според неа, јавните функции мора да ги извршуваат луѓе со интегритет.
„Не може да се очекува чесно и одговорно управување од луѓе кои не успеале да ги всадат основните морални вредности ни во сопствениот дом.“ – додаде таа.
Кулакова посочи дека довербата во институциите е нарушена, а граѓаните бараат правда без селективност. „Функциите во државата не смеат да бидат засолниште за оние кои не ги почитуваат законите.“
Граѓаните испраќаат јасна порака на протест
Пред присутните во Кавадарци збор зедоа и Горан Василов како организатор, како и Викторија Недева, која прочита емотивен текст во име на пријателите на Фросина.
„Фросина беше личност која со својата светлина и љубов го боеше секој момент. Таа не беше само моден дизајнер – таа беше инспирација за сите околу неа.“
Пријателите на Фросина порачаа дека нејзината трагедија е последица на системски проблем и додадоа дека општеството не смее да дозволи слични случаи да се повторат.
Молк, свеќи и симболични балони во чест на Фросина
Граѓаните во Кавадарци со триминутен молк и палење свеќи искажаа почит. Како симбол на нејзиниот дух, во небото беа пуштени 22 балони со нејзиното име.
На овој протест присуствуваше и Славе Николова, татко на Викторија Николова, девојката која пред три години загина на истиот булевар во Скопје.
Попладнево во 17 часот, протест за правда за Фросина е најавен и во Скопје, на булеварот „Партизанска“, каде што се случи трагедијата.
Протест во Скопје за Фросина Кулакова: Повик за одговорност и поголема безбедност на улиците