Американското Федерално истражно биро (ФБИ) ѝ честита на македонската полиција за апсењето на администраторот на нелегалниот онлајн пазар ОЛВХ (OLVX), нагласувајќи дека платформата директно ја загрозувала дигиталната безбедност на илјадници американски граѓани. Реакцијата следува по денешното соопштение на Министерството за внатрешни работи за заедничката акција со ФБИ и за кривичната пријава против 20-годишниот Е.А. од Голема Речица, Тетовско.

„ФБИ им честита на нашите партнери од единицата за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност на Северна Македонија, во рамките на Министерството за внатрешни работи, за успешното апсење на администраторот на криминалната платформа ОЛВХ“,се вели во објавата на американското биро.

Според ФБИ, платформата била активна од 2023 до 2025 година и постојат наводи дека преку повеќе од 1 500 сметки незаконски се продавале лични податоци на жртвите и податоци за најава на нивните кориснички сметки.

„Постоењето на оваа платформа директно ја загрозуваше дигиталната безбедност на илјадници американски граѓани кои се потпираат на сигурноста на сметките што ги користат“,наведува ФБИ.

Оттаму ја посочуваат акцијата како прва координирана кибероперација меѓу ФБИ и Северна Македонија и како потврда на нивната посветеност на соработката со меѓународните партнери за заштита на американските граѓани во киберпросторот.

МВР претходно соопшти дека истрагата почнала по информации добиени од ФБИ. Против Е.А. е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Тетово поради сомнение за компјутерска измама, злоупотреба на лични податоци и производство и дистрибуција на детска порнографија.

Според Министерството, обезбедените докази укажуваат дека осомничениот управувал со домени и веб-страници поврзани со ОЛВХ, преку кои се нуделе украдени дигитални податоци, софтверски алатки и услуги за извршување кривични дела.

Истрагата, според МВР, покажала и дека во периодот од 2025 до 2026 година тој ја администрирал групата ONEMILI на „Телеграм“, преку која се нуделе алатки и услуги за компјутерски криминал, вклучувајќи измами со незаконско враќање парични средства. Од Министерството наведуваат и дека обезбедиле докази оти осомничениот преку „Телеграм“ набавувал и поседувал материјали со сексуална злоупотреба на деца.