Предлог-законот за измена и дополнување на Законот за работни односи, што Владата го усвои, а со кој се дефинира дека недела е ден на неделен одмор е добар од два аспектa, вели министерката Шахпаска. Според неа, од една страна се создава можност за најголемиот број работници во државата недела да биде ден за неделен одмор, ден за семејството, ден за слободни активности, за дружење…
На прашањето дали има проценка колку од работниците што досега работеле во недела ќе продолжат да работат, а колку нема да работат во недела со оглед дека имаше анализи на одредени институти дека само околу 43 илјади работници од оние кои работеле во недела веќе нема да работат, Шахпаска одговори:
-Анализите што ги направи Министерството за труд и социјална политика покажуваат дека со овој закон овозможуваме за 92 проценти од работниците во државата недела да биде ден на неделен одмор. Тоа е навистина голем процент на граѓани кои нема да работат во недела. Овој процент за нас е показател дека со овој закон ќе го постигнеме посакуваниот резултат, изјави министерката Шахпаска.
Според неа дејностите што се наведени како исклучоци се многу внимателно селектирани, само оние кои се неопходни за општеството, државата да функционира.
-Здравството, полицијата, социјалните служби, пожарникарите, комуналната дејност мора да работат во недела. И овие, суштински дејности, во основа, го сочинуваат најголемиот број на работници, оние осум проценти кои ќе работат во недела, истакнува министерката за труд и социјална политика.
Шахпаска додава дека во процесот на подготовка на Предлог-законот за работни односи дојдено е до една листа од 41 дејност за кои заедно со работниците и со работодавачите оцениле дека мора да работат во недела доколку сакаме општеството да функционира, но и оние дејности каде што работниот процес не може да се прекине.
-На пример фармерството мора да функционира, медиумската дејност не може да не работи во недела, производството на леб, аптеките, собирањето на отпадот, транспортот, хотелиерството, телевизиската програма, безбедносниот сектор…