Секретарот на иранскиот Висок совет на националната безбедност, Али Шамхани, денеска изјави дека нападот со дрон врз резиденцијата на ирачкиот премиер Мустафа ал-Кадими, е инцицијатива за бунтот поврзан со странски тинк-тенкови, јави агенцијата ИРНА.

Според агенцијата, Шамхани на Твитер соопшти дека „обидот за убиство на ирачкиот премиер е нов поттик на бунт, што може да се поврзе со странски тинк-тенкови (мозочни трустови), да донесе само неизвесност, раздор и нестабилност за потчинетиот ирачки народ, а кои со години создаваат и поддржуваат терористички групи и ја окупираат оваа земја”.

Ирачките медиуми јавија дека ноќеска бил изведен напад со дрон врз домот на ирачкиот премиер во Багдад. Подоцна локалната агенција ИНА, наведувајќи ирачки безбедносни тела, соопшти дека премиерот минал без никакви повреди во нападот, а и самиот Ал-Кадими на Твитер потврди дека е добар. Тројца негови телехранители, меѓутоа, се здобиле со повреди во нападот.

Ирачкото Министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека обидот за атентат врз премиерот Мустафа Ал Кадими бил изведен со три беспилотни летала, пренесе „Ал Џезира“ на Твитер.

САД му понудиле помош на Ирак во истражувањето на обидот за атентат врз премиерот.

Ирачкото МВР , исто така, соопшти дека се уништени две беспилотни летала, а други детали не објавува.