Проектот предвидува модернизација на објектот и подобри услови за планинари и посетители

Министерството за спорт и Амбасадата на Австрија го започнуваат проектот за реконструкција и модернизација на Планинарскиот дом „Титов Врв“ на Шар Планина. За таа цел, министерот Борко Ристовски и австрискиот амбасадор Мартин Памер потпишаа Меморандум за разбирање со кој се утврдува рамката за соработка во реализацијата на проектот.

Според договореното, Министерството за спорт ќе ги спроведе потребните административни постапки за обезбедување на сите неопходни дозволи, додека Амбасадата на Австрија ќе помогне во промоцијата на проектот и во мобилизирањето на партнерите и компаниите вклучени во неговата реализација.

Реконструкцијата е планирано да се спроведе во периодот од јули до септември 2026 година.

Домот ќе добие нови содржини и ќе биде ставен во функција на планинарите и институциите

Целта на проектот е постојниот објект да се трансформира во современ планинарски дом со дополнителни содржини, со што ќе се подобрат условите за престој и ноќевање на планина и ќе се зголеми привлечноста на Шар Планина за посетителите.

Проектот претставува продолжение на активностите што Австрија веќе ги реализира на Шар Планина, меѓу кои е и проектот „Славков“, спроведен заедно со амбасадите на Чешка и Словачка за обележување на планинарската патека од Попова Шапка до Титов Врв.

Во рамки на реконструкцијата се предвидени и нови содржини, вклучително електрична енергија и интернет-конекција за потребите на метеоролошка станица. Објектот ќе има повеќенаменска функција и ќе може да се користи и за спасувачки операции, превенција од пожари и справување со други вонредни состојби во рамки на Националниот парк Шар Планина.

По завршувањето на реконструкцијата, Министерството за спорт ќе го предаде Планинарскиот дом „Титов Врв“ на користење на Федерацијата за планинарство на Македонија.