Министерката за одбрана на Македонија, Радмила Шекеринска, денеска престојува во официјална посета на Република Словенија, во чии рамки ќе има средби со словенечкиот колега и домаќин министерот за одбрана, Матеј Тонин, со претседателот Борут Пахор и со членовите на собраниската Комисија за одбрана, соопшти Министерството за одбрана.
Во Словенија, министерката Шекеринска ќе го посети и Центарот за совршенство за планинско војување во Бегуње на Горењска.
Ова е возвратна официјална посета на министерката Шекеринска во Словенија, по посетата на министерот Матеј Тонин на Македонија во септември, минатата година.
Македонија и Словенија имаат одлична соработка во доменот на одбраната, која датира од 1994 година. Во моментов се реализира годишниот план за билатерална соработка за 2021 година кој вклучува вкупно 23 активности во двете земји. Одбранбената соработка опфаќа програми за обука, курсеви и семинари, соработка во областа на военото разузнавање, против-воздушната одбрана, логистиката и јавните набавки и НАТО планирачкиот процес. Двете земји се сојузници во НАТО, а соработуваат и во рамките на регионалните иницијативи како Иницијативата за соработка на министрите за одбрана на ЈИЕ и Балканските медицински сили.