Мадрид бара Рим да ги укине дополнителните гранични проверки за патниците кои од Шпанија пристигнуваат во Италија со авион или брод. Мерката беше воведена по мигрантската криза во шпанската енклава Сеута, но шпанската влада смета дека нема оправданост за нејзино продолжување.

Барањето го упати шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка на вонредната видеоконференција на министрите за внатрешни работи на Европската Унија.

Гранде-Марласка оцени дека дополнителните контроли се непотребни, бидејќи влезот во Сеута не значи автоматски пристап до шенгенскиот простор.

„Барам овие дополнителни контроли веднаш да бидат укинати, бидејќи е јасно дека шенгенскиот простор никогаш не бил загрозен“, изјави шпанскиот министер.

Во меѓувреме, еврокомесарот за внатрешни работи Магнус Брунер најави дека Европската комисија ќе ја разгледа италијанската одлука за привремена суспензија на шенгенските правила во однос на Шпанија.

Комисијата ќе процени дали воведените мерки биле пропорционални на ситуацијата и дали нивната примена била оправдана.

Италија, од друга страна, ја брани одлуката за воведување на привремените контроли. Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани изјави дека мерката не е насочена против Шпанија.

Според Тајани, станува збор за превентивна мерка чија цел е заштита на националната безбедност, како и зачувување на интегритетот на европскиот систем за контрола на границите.