Шести ден се трага по исчезнатата Вања Ѓорчевска, на која и’ се изгуби трагата на пат кон училиштето „Песталоци“.
Во пребарувањето вклучени се стотици полицајци, граѓани, ловџии. За Вања распишана е и потерница на „Интерпол“.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вчера изјави дека за пронаоѓање на 14-годишното девојче досега пребарано е речното корито на Вардар, сите подрумски простории, не само во околината туку и пошироко, добиени се информации од околните цркви и манастири, подигнати се камери, а ислушани се и голем број лица.
„Преземени се електронските уреди од семејство и од девојчето, се вештачат, од некои од нив се земени податоците. Имаме одредени податоци од овие уреди, кои може да бидат од помош на истрагата и целата постапка“, рече Спасовски.
Вања Ѓорчевска исчезна во понеделникот утрото во Скопје на пат кон училиштето „Песталоци“ во близина на Дебар Маало. Последен пат била забележана на булеварот Партизански одреди пред „Броз кафе“, од каде што ѝ се губи трагата.
Девојчето е високо 175 сантиметри, тешко 58 килограми. Има темнокафеава коса, кафеави очи, носи протези на горните и долните заби, има бенка на десна страна од лицето. Пред исчезнувањето била облечена во син блузон, црна јакна, црни фармерки со странични џебови, бели патики со кафеави линии. Со себе носела школски ранец и мобилен телефон ‘ајфон’.
Мајката на Вања во разговор за „Макфакс“ кажа дека полицијата ги прегледувала и камерите и сите достапни материјали и докази што би можеле да помогнат во пронаоѓање на исчезнатата Вања.
„Вања излезе вчераутро во 7.20 часот, а јас излегов по неа во 7.40 часот. Набргу ми се јави нејзината класна и ми кажа дека Вања не е на училиште. Јас веднаш ја побарав, но беше недостапна, телефонот ѝ беше исклучен. Проверив на ‘Гугл мапс’ и видов дека последно е регистрирана во близина на ‘Броз кафе’ на ‘Партизанска’“, рече таа.
Вели дека Вања била весела вечерта пред настанот и дека ништо не наведувало оти нешто такво може да се случи.
„Вечерта беше весела, весела си отиде на училиште, не сме се расправале, отворено си разговараме за сè. Ги распрашав сите нејзини другарчиња. Тие доаѓаа и претходно тука, се дружеа, си седеа. Но, никој вчера не ја видел Вања во училиште“, кажа мајката.