Шилегов најави иницијатива за оставка на раководството на СДСМ: Партијата кадровски се испразни
Поранешниот градоначалник на Скопје и функционер на СДСМ, Петре Шилегов, изјави дека партијата се соочува со кадровско празнење и најави иницијатива за промени во раководството. Тој рече дека поголема група социјалдемократи наскоро ќе побара оставка од актуелното раководство.
Во гостување во емисијата „Тема на денот“ на телевизија Сител, Шилегов посочи дека ќе се обидат да иницираат процес за промена на партиското раководство.
– Ќе се обидеме да дојдеме до здрава политичка логика и да ги замолиме луѓето што ја раководат партијата, повеќе да не го прават тоа. Да дојдат некои други да ја раководат партијата, рече Шилегов.
Тој додаде дека станува збор за процес кој, како што нагласи, ќе биде воден од луѓе кои политички израснале во СДСМ.
Според него, слабата позиција на СДСМ на политичката сцена ги тера критички настроените граѓани да ја бараат опозицијата во други партии, меѓу кои ја посочи Левица.
– Кај граѓаните опозициското чувство е високо, но кај вака организиран СДСМ – безличен и без можност да привлече нови гласови, треба да се бара поинаков пристап, вели поранешниот градоначалник на Скопје.
