Шкотските фудбалски навивачи кои допатуваа во земјава за претстојниот дуел во рамките на Лигата на нации уште еднаш покажаа дека љубовта кон спортот оди рака под рака со солидарноста и хуманоста на дело.
Претставници на навивачката група од Шкотска организираа хуманитарна посета на Кочани, каде што преку добротворните организации „Тартан Арми Саншајн Апел“ и „Тартан Арми Детска Добротворност“ (TACC) обезбедија вредна поддршка за локалната спортска заедница.
На фудбалскиот терен на ФК Фудбал Старс во населеното место Горни Подлог беше извршено свечено предавање на спортската опрема наменета за клубот. На овој настан присуствуваше и британското воено аташе, потполковник Дениз Мекмахон, заедно со претставниците на шкотските навивачи, кои порачаа дека ваквите иницијативи претставуваат прекрасен мост на пријателство меѓу народите.
