Македонскиот фудбалски прволигаш Шкупи вечерва од бугарски Левски го загуби првиот квалификациски натпревар од конференциската лига на Европа.

Натпреварот заврши со резултат 0:2, а првиот гол за гостите го постигна Велтон во 31 минута, додека вториот гол го постигна Роналдо во 94 минута.

Атмосферата пред почетокот на натпреварот беше тензична, а изби и тепачка на трибините помеѓу навивачите на ФК Левски и припадниците на македонската полиција.

Како што пренесе МВР, приведени се деветмина навивачи од Бугарија поради тоа што агресивно се однесувале кон македонските полицајци на стадионот „Тодор Проески“ во Скопје.

Претходно, навивачите на Шкупи и на Левски физички се пресметаа и на улиците во скопската населба Чаир, а како што објавија дел од медиумите, наводно еден од бугарските навивачи бил прободен со нож.