Грчката полиција уапси двајца мажи по пронаоѓањето на телата на две жени во солунската населба Менемени, кои со месеци се водеа како исчезнати. Станува збор за жртви на возраст од 42 и 46 години, а осомничените, на 50 и 52 години, веќе се изведени пред истражен судија.

Телата биле пронајдени во подрумски простории, по што била покрената обемна истрага. Според првичните информации од истражните органи, првиот случај се води како брутално „смртоносно силување“.

Вториот случај се истражува како убиство со умисла, при што жртвата најверојатно била задушена.

Полицијата стравува дека ова може да е само „врвот на ледената карпа“, бидејќи начинот на извршување на злосторствата, според истрагата, укажува на можен патолошки профил на сторителите.