Германија ќе и испорача на Украина модерен систем за противвоздушна одбрана, вклучувајќи радарски систем способен за откривање артилерија, изјави канцеларот Олаф Шолц во вчерашното обраќање пред Бундестагот.

Целта на германската Влада е да се погрижи рускиот претседател Владимир Путин „да не победи” во војната што ја започна во Украина, рече Шолц за време на расправата во Парламентот посветена на буџетот.

-Нашата цел е Украина да може да се одбрани и да успее во тоа, рече тој.

Согласноста на Берлин да испорача антиракетен и радарски систем за рано предупредување доаѓа по силните критики во земјата и од странство упатени на адреса на Шолц поради одбивањето на Германија да ја снабди Украина со посовремена воена опрема неопходна за одбивање на нападите на руската армија.