Шпанија од 20 мај планира да го укине барањето, според кое Британците треба да презентираат негативен ПЦР тест против коронавирус по пристигнувањето во земјата, под услов стапката на инфекција во Велика Британија да продолжи да опаѓа, рече денеска шпанската министерка за туризам, Рејес Марото.

-Со отворање на британскиот пазар, Британците ќе можат да ја посетат Шпанија, нагласи Марото по состанокот на владата.

Плановите за укинување на барањата за ПЦР тестови се дел од пошироката ревизија на европските регулативи за патување надвор од ЕУ, што Марото очекуваше да биде одобрено до 20 мај.

-Британците би можеле да не посетуваат од 20 мај без ПЦР тест доколку стапките на инфекција се под моментално забележаниот опсег, кој сега изнесува 50 случаи на 100.000 луѓе, рече Марото.

Таа исто така истакна дека Шпанија мора да ја намали сопствената стапка на инфекција за да ја охрабри британската Влада да ги укине ограничувањата за патниците кои се враќаат.