Шпанците ја освоија четвртата титула во своето петто финале на ЕП, додека Англичаните вторпат по ред загубија во финале, бидејќи пред три години беа поразени од Италија во пенал рулетот на „Вембли“.

Со освојувањето на титулата, Шпанците заработија вистинско богатство, односно 28,5 милиони евра.

УЕФА го награди секој бод и секоја победа, а Шпанците на импресивен начин стигнаа до златото со сите седум победи, па така го заработија максималниот износ.

Пласманот на турнирот во Германија на секоја репрезентација и донесе по 9,25 милиони евра. Секоја победа изнесуваше еден милион евра, а бод половина милион.

Местото во нокаут фазата вредеше 1,5 милиони, четвртфиналето 2,5, а полуфиналето дополнителни четири милиони.

Победата во финалето додаде уште осум на бројот на Шпанците, додека поразената Англија доби пет за настапот во битката за титулата.