Во соопштението на шпанското МНР се нагласува дека средбата е уште една потврда за добрите односи меѓу двете земји, а на неа била потврдена целосната поддршка на Мадрид на процесот на интеграција на земјава во ЕУ, но станало збор и за можностите за унапредување на билатералните односи.

Гонзалез Лаја му ја понудила на Димитров поддршката и искуството на Шпанија во движењето напред во процесот, во области како што се судски прашања и владеење на правото, зелената агенда и дигиталната агенда.

Шпанската шефица на дипломатијата изразила желба за што е можно побрзо усвојување на преговарачката рамка со ЕУ, како со Македонија, така и со Албанија, заедно со почетокот на преговорите за приклучување.

Димитров го придружува премиерот Зоран Заев при посетата на Шпанија, во рамките на која се предвидени средби со претседателот на шпанската Влада, претседателот на Горниот дом на Парламентот и претседателот на шпанската Конфедерација за бизнис организации.