Изминативе месеци се случува силна битка во рамки на безбедносните структури во Македонија. Таа битка не е целосно позната на јавноста од две причини , прво економската криза како и односите со Бугарија се толку големи теми што не оставаат простор за други теми и второ безбедносните структури и служби по правило се подалеку од очите на јавноста. Но под површината битката е многу силна, многу интензивна, пишува Александар Николоски, потпретседател на ВМРО ДПМНЕ.

Во продолжение неговиот став

За жал Македонија има неславна историја со безбедносните служби кои скоро и да нема Влада до сега која не ги злоупотребувала. Најчесто се работи за следење на политичкиот противник, прислушување, како и притисок врз бизнисот. Ниедна од овие три не е опис и попис на работата на службите, но досега често се случувале, односно многу често и АНБ ( поранешна УБК) како служба свртена кон внатре во државата и АР како служба која работи надвор од државата се злоупотребувани во лични, партиски и бизнис интереси.

Сепак она што е феномен на најновиот судир е дека тоа е судир во рамки на власта и во рамки на една политичка партија- СДСМ. Барем досега службите без разлика на кого служеле и како биле злоупотребувани покажувале монолитност. Овој пат не е така. Постојат најмалку три фракции во рамки на СДСМ кои се борат за превласт. Две се насочени кон АНБ (УБК), а третата е кон АР. Онаа кон АР е блиска на Стево Пендаровски што е и разбирливо имајќи предвид дека Претседателот именува директор на АР. Скоро и да не е тајна дека Агенцијата за разузнавање е во судир со многу луѓе од СДСМ кои се дел од безбедносниот свет.

Вториот судир е за контрола на АНБ. Реформите на АНБ кои се предвидени со законот за трансформација на УБК во АНБ од 2018 и кој закон го подржа и ВМРО ДПМНЕ во надеж дека ќе се спроведе и конечно ќе дојде до реформа во “тајната полиција”, останаа само празно слово на хартија затоа што не се спроведоа во пракса. Службата остана партизирана и во корист на власта, без разлика што промени име, не промени ништо друго. Дури и физички сеуште е во рамките на МВР иако законот е јасен дека мора да се одвои од МВР за да нема политичко влијание.

Во моментов две крими крила во СДСМ се борат за превласт во АНБ. Според мене ова е најинтензивниот судир во тајните служби во Македонија од самостојноста до денес. Зошто се борат за превласт? За да можат да ги заштитат сега додека се на власт и да им ги покријат трагите за криминал, па така се случи кадарот на СДСМ, Виктор Димовски кој што од СДСМ беше предложен и стана директор на АНБ и од СДСМ сега е предлог за амбасадор во Франција да предложи кандидат за директор за внатрешна контрола што по сила е втор човек во АНБ. Согласно законот тој предлог треба да оди пред соодветната собраниска комисија и соодветната собраниска комисија да даде или да не даде дозвола секако откако ќе се расправа за предлогот. Пратениците од СДСМ ја бојкотираа комисијата односно воопшто не се појавија и не дојдоа на расправа што само говори кој е нивниот став во однос на предлогот и јасно оцртува две крила кој што ги има во разузнувачката заедница блиски до едни или други структури во рамки на власта и во моментот постои нескриена битка во рамки на власта за наследник на Виктор Димовски односно за директор на АНБ.

Тука има и друго прашање, зошто 14 месеци ова место во АНБ стоело празно, не се пополнило и зошто баш сега се дава предлог и како функционирала Агенцијата за национална безбедност без соодветна внатрешна контрола, но и се поставува прашањето од каде толку енергија за судир во разузнувачкиот свет внатре во власта и зошто е толку атрактивна Агенцијата за национална безбедност и одговорот е само еден, дека има сериозна намера да се злоупотребува работата на АНБ.

Расчистувањето со злоупотребата на тајните служби е основа за демократизацијата на Македонија. После огромниот скандал со прислушувањето поради кој падна претходната Влада оваа Влада на СДСМ имаше историска шанса да ги реформира службите, но останаа обземени од моќта на злоупотребата на истите. Не мора човек да е пророк за да сфати дека и првенците на СДСМ кои сега се борат за превласт во АНБ и Пендаровски со злоупотребите на АР ќе завршат многу лошо со своите кариери, веројатно како последно предупредување до следната Влада која ќе биде предводена од ВМРО ДПМНЕ дека реформите мора да се спроведат и тајните служби да се реформираат и да се остават да го работат тоа за што се наменети- заштита на уставниот поредок, мирот и благосостојбата на државата.