Поранешниот шеф на германската служба за надворешно разузнавање (БНД), 80-годишниот Аугуст Ханинг, е уапсен под сомнение за шпионажа и обид за предавство.

Заедно со него е приведен и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Манфред Д., кој се сомничи дека со години му доставувал класифицирани материјали од службата. Германското сојузно обвинителство ги истражува наводите дека Ханинг плаќал за доверливи информации и дел од нив ги користел во контакти со странски разузнавачи и за приватна консултантска работа.

Истражителите поседуваат докази за околу 2.000 компромитирани документи, меѓу кои има материјали подготвувани за состаноци на највисоките безбедносни функционери во канцеларската служба.

Според истражувањето на ВДР, НДР и „Зидојче цајтунг“, меѓу класифицираните податоци имало информации за руската армија, иранската нуклеарна програма, како и доверливи документи од партнерски странски служби. Актуелниот директор на БНД, Мартин Јегер, соопшти дека веднаш биле покренати опсежни внатрешни истраги, порачувајќи дека за безбедноста на службата нема компромиси.

Според обвинителството, нелегалната соработка започнала во пролетта 2010 година, откако Ханинг преминал во приватниот сектор како адвокат и консултант. Неговиот соработник Манфред Д., кој ги извршувал кабинетските должности кај повеќе последователни директори на БНД од март 2012 до март 2026 година, имал постојан пристап до доверливи материјали.

Истрагата укажува дека Ханинг искористил тајни податоци за изработка на анализа за припадник на странска служба, а со години му пренесувал и политички информации на претставник на друга странска агенција. Според медиумските сознанија, случајот не се однесува на Русија, а засега не е соопштено за кои држави станува збор.

Трагата до шпионскиот скандал била откриена во септември 2025 година, кога обвинителството во Хамбург извршило претрес кај Ханинг во рамките на одделна истрага за киднапирање деца организирано од бизнисменката Кристина Блок.

Добиените наоди од претресот ја отвориле новата постапка која во мај 2026 година ја презеде сојузното обвинителство. Ханинг, кој ја водеше БНД од декември 1998 до ноември 2005 година, а потоа беше државен секретар во МВР до ноември 2009 година, сè уште нема дадено коментар за случајот, додека за извршувањето на притворот треба да одлучи истражен судија.