Продолжува работата на здравствените проекти во Македонија, со посебен фокус на завршувањето на Клиничката болница во Штип. Министерот за здравство Сашо Клековски денеска објави дека за ова разговарал со претставници на Меѓународната групација на болници (IHG) и британската Амбасада.

На средбата бил претставен ажурираниот предлог на IHG за завршување на Клиничката болница во Штип, заедно со Медицинскиот факултет и студентското сместување.

Во фокусот била можноста граѓаните побрзо да добијат видлив резултат преку забрзана програма на подготвителни активности. Паралелно со тоа, треба да се финализираат обемот на проектот, договорот и начинот на финансирање, напиша Клековски на својот Фејсбук профил.

Целта, како што посочува министерот, е изградба на современа болница и интегриран здравствен и едукативен кампус. Според него, проектот треба да го поддржи долгорочниот развој на здравството и клиничката обука во земјава.

„Продолжуваме со активна соработка со сите партнери за реализација на овој важен проект за граѓаните на Штип и пошироко“, наведува Клековски.