СОНК очекува да ги добие денешните заклучоци на Владата, а во врска со генералниот штрајк на вработените во детските градинки, основните и средни училишта, информираат од Синдикатот.
-Советот на СОНК во текот на утрешниот ден ќе одржи седница на која што детално ќе го проанализираат ставот на Владата и ќе се произнесе по него. Дотогаш, односно додека членовите на СОНК не се произнесат поинаку, штрајкот продолжува, истакна првиот човек на СОНК, Јаким Неделков.
Тој потврди дека денеска разговарал телефонски со министерот за образование и наука Јетон Шаќири, но немало конкретен договор што би довело до прекин на штрајкот во училиштата и градинките и нов процент на покачување на платите од веќе понудените 10 отсто.
-За жал не. Разговорот беше во правец на попуштање на тврдото „не“ и во правец да се изнајде уште некој процент за да може ние во членството да побараме штрајкот да се стави во мирување или да се прекине. Министерот вели: Толку е и не може ни процент понатаму да се оди. Се разбира, и другите барања кои ги имаме доставено писмено до министерството, и за нив да се расправа на Влада, а тоа е усогласување на платите согласно Колективниот договор наредните две години, да се планира буџетот за 2023 и 2024 година, потпишување колективни договори со што ќе се регулираат некои прашања. Така што, не е само ова сламка на сопнување, туку имаме и други работи, рече Неделков за МИА.
Министерот Шаќири претходно изјави дека на седница на Влада денеска ќе информира за состојбата во образованието и заклучоците ќе бидат пратени до СОНК и соопштени во јавноста. Неделков рече дека и тие очекуваат одлука од владината седница за да знаат, како што рече, и тие како да се однесуваат.
За повиците од МОН и МТСП да го прекинат штрајкот кој денеска е во седмиот ден, вели дека како претседател на синдикатот нема моќ да ги убеди членовите на СОНК да излезат од штрајкот.
-Бидејќи јас не одлучувам да се прекине штрајкот. Одлучуваат тие што штрајкуваат. Јас сум само тој што ги претставува нивните интереси, рече претседателот на СОНК.