Градежната компанија „Бетон“ ќе го исчисти долгот од 4,4 милиони евра кој кон компанијата го имаат Фондацијата Св. Цар Константин и Македонската православна црква и ќе го префрли кон приватната болница. Одлуката треба да ја усвојат акционерите на градежната компанија на вонредното акционерско собрание кое е закажано за 18 октомври. Од МПЦ молк- не одговараат што ќе се случува со храмот во центарот на Скопје за кој претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ и МПЦ собираа донации.
– Си купувам црква и ќе си палам свеќи за здравје, вели директорката на приватната здравствена установа „Ре Медика“ Елица Јорданова, сопруга на Минчо Јорданов.
Станува збор за долг од 4,4 милиони евра кој кон „Бетон“ на Минчо Јорданов го имаат Фондацијата „Св. Цар Константин“ и Македонската православна црква за изградбата на храмот во центарот на Скопје. Со тоа „Бетон“ на Јорданов, ќе го исчисти долгот и ќе го префрли на „Ре-медика“.
Болницата ќе треба на „Бетон“ да му го исплати целиот износ со што ќе стане доверител. А одлуката треба да ја усвојат акционерите на „Бетон“ на вонредното собрание на 18 октомври.