Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со бугарската потпретседателка Илијана Јотова на маргините на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, кој се одржува во Софија.

Разговор за билатералните односи

Сиљановска-Давкова соопшти дека во фокусот на средбата биле предизвиците во билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија, со посебен акцент на прашањата поврзани со македонскиот евроинтеграциски процес.

„Разменивме различни гледишта околу можните решенија за отворање на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија“, наведе претседателката.

Потребна е поинтензивна соработка

На средбата била нагласена потребата од засилена комуникација и соработка меѓу образовните институции, универзитетите, научните и културните организации, граѓанскиот сектор и граѓаните на двете земји.

Според Сиљановска-Давкова, ваквата соработка треба да придонесе за надминување на предрасудите и за поттикнување на меѓусебното разбирање.

Почитување на пресудите од Стразбур

Претседателката ја истакнала и важноста од почитувањето и спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, нагласувајќи дека тоа претставува обврска за сите земји членки на Советот на Европа.

„Мора да продолжиме со дијалогот и за најчувствителните теми. Треба да продолжиме да разговараме и за тешките прашања“, порача Сиљановска-Давкова.