Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до граѓаните по повод 2 Август – Илинден, истакнувајќи дека овој датум претставува најсветиот ден во македонската историја и симбол на борбата за слобода, државност и републиканските вредности. Таа порача дека современите генерации имаат обврска да го продолжат илинденскиот завет преку изградба на правна, демократска и европска држава.

„Драги сограѓани,

За мене, 2 Август, Илинден, е најсветиот македонски ден, денот на којшто во 1903 година, македонската републиканска идеја се отелотвори во Крушевската Република и денот кога во 1944 година, на АСНОМ, по вековна борба, се реализира правото на македонскиот народ на национална држава, во којашто се гарантираат правата на малцинските заедници. Во Илинден ја гледам искрата на македонскиот револуционерен оган, што им го осветли патот на партизаните до исконската цел – слободата!

Илинден е персонификација на исконска желба, решеност, стаменост и храброст за соочување и прифаќање на личната жртва како неминовна!

Илинденската епопеја е македонска битова драма. Низ крвавите страници на тешката историја, испишани со Делчевата мисла, Каревата републиканска визија, Питугулиевата саможртва, Чентовиот трибунски дух и делата на бројни знајни и незнајни јунаци, натопени со реки од солзи, се градеше и обликуваше македонската република.

Илинден нè обврзува да бидеме достојни и одговорни наследници, а не само благодарни потомци на славните предци.

Кој, ако не ние, ќе биде чувар на илинденскиот завет?

Кога, ако не сега, ќе ја оправдаме довербата на илинденците и асномците?

Каква Република ќе им оставиме на нашите сакани деца и внуци?“, наведува претседателката.

Во продолжение од честитката, Сиљановска-Давкова повика на заедништво и на изградба на држава заснована на владеење на правото, ефикасни институции и борба против корупцијата и криминалот.

„И денес, почитувани граѓани, без оглед на етничката, верската, политичката, партиската или друга припадност, мора да ја разбудиме илинденската и асномската совест и свест, влегувајќи во неминовна и неодложна борба за нашата заедничка македонска, европска, демократска република, како правна држава заснована врз начелото на поделба на власта и ефективни спреги и кочници меѓу законодавната, извршната и судската власт, одлучна да ги победи насилството, корупцијата и криминалот, со компетентна, етичка и ефикасна администрација, развиено цивилно општество вклучено во процесот на одлучување и објективно новинарство, бескомпромисно во одбраната на општото добро.

Да ја градиме македонската држава како дом на среќни граѓани.

Честит Илинден!“, се наведува во честитката на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод 2 Август – Илинден.