Во продолжение интегрално ви ја пренесуваме објавата на универзитетската професорка Силјановска Давкова:
Клептократска држава
Ја помните ли „мудрата“ теза дека „рибата смрди од опашката“? Доби логична дополна во тврдењето дека најнискиот, а не највисокиот административен ешалон е извор на корупција и река на криминал. Доказ? Па, оваа влада има Министерство за борба со корупција, одржлив развој и човечки ресурси! Обидете се да го идентификувате профилот на преферираниот социјален капитал и проектираниот неодржлив развој и ќе се најдете очи воочи со корупционерите.
Се разбира, обете “перцепции“ се погрешни. Имено, не треба да сте Фоербах за да развиете теза дека рибата смрди од главата, олицетворена во политичката „елита“, а не во административните раце, нозе и опашки, кои вообичаено функционираат по наредба, согласност и/ли со благослов на оние над нив. На врвот е pater familias.
Во партиската држава, Владата именува државни и јавни службеници по партиска мера, a не според стручност и компетентност . Расипани (spoiled) државни функционери преферираат послушни, партизирани службеници, верни поданици на власта, наместо на законите и граѓаните.
Ако не се смени spoils системот со merit модел на регрутирање на администрацијата, од врвот до дното на државата ќе царуваат тартифовци: неуки, фрустрирани, непристојни и невоспитани кон граѓаните, непријателски и нетолерантни кон правото и моралот, но послушни и одани на носителите на власт и моќ. Државата ни е како ко- партиска, фамилијарна фирма, чии членови се во роднински или сватовски врски.
Не шетајте крај бившата ЦК и не паркирајте велосипеди во близина. Ќе ве удри неподнослива РЕА на незнаење, безидејност, ароганција, импровизација и криминогеност, а велосипедот, како што вели една скопска досетка, може да ви го украдат КЛЕПТОКРАТИ!, коментира Силјановска Давкова.