Во однос на постоењето на негативна кампања против попишувањето, Симовски рече дека негативната кампања ја имало и ја има цело време и дека не престанува, но добро е што луѓето не наседнуваат.
– Сведоци бевме и вчера на изјави на една политичка партија, токму насочени кон тоа да се попречи спроведувањето на пописот. Меѓутоа, добрата работа е што граѓаните не наседнуваат на оваа кампања и самите податоци го покажуваат тоа, изјави Симовски.
Одбивањата, посочи Симовски, се незначителни и по разговорот со државен инструктор и член на пописна комисија тие луѓе најчесто се попишуваат.
– Не применуваме никакви санкции се уште и се надеваме дека тоа нема да се случи до крајот на попишувањето, изјави Симовски.
Државниот завод за статистика, посочи Симовски, спроведува попис долги години и има тим, што зад себе има долгодишно искуство во оваа активност.
– Ова, мене лично ми е четврти попис во кој учествувам целосно. Главниот тим на ДЗС се искусни луѓе, кои што поминале повеќе пописи. Сите искуства од претходните пописи, и не само наши, се земени предвид при подготовката на овој попис и не очекуваме некои непредвидливи ситуации, изјави Симовски.
Единствено што не може да се предвиди, рече Симовски, е кога користите технологија дали во секој момент таа ќе функционира, бидејќи колку и да тестирате, не можете да бидете 100 проценти сигурни од самиот почеток како ќе се одвива.
– Не очекуваме натамошни проблеми, меѓутоа сме подготвени и за такви ситуации. Непредвидливи ситуации секогаш може да има, но се обидуваме да ги пресретнеме пред да се случат, а и да се случат веднаш да бидат отстранети, изјави Симовски.
Во однос на плаќањата на попишувачите, директорот на ДЗС рече дека треба да се заврши и евидентира кој колку сработил, по што сите лица ќе бидат исплатени до последниот денар.