Поранешниот премиер Зоран Заев се појави во јавноста во друштво на претседателот на партијата Венко Филипче и на членови на раководството. Тие заедно присуствуваа на свечениот прием организиран по повод Денот на знамето и независноста на Албанија.
На свеченоста што се одржа во скопскиот хотел „Хилтон“, Заев седеше на иста маса со Филипче и со пратеници на партијата. Меѓу присутните на настанот беа и поранешниот премиер Оливер Спасовски, како и поранешниот вицепремиер Фатмир Битиќи.
Фотографии од свечениот прием на социјалните мрежи објави Спасовски, додека присуството на Заев го забележаа и камерите на медиумите. На соседната маса на настанот беа сместени претставници на коалицијата Вреди, меѓу кои Изет Меџити и Беким Сали.
Појавувањето на Заев предизвика големо внимание во јавноста со оглед на тоа што тој во изминатите години ретко присуствува на јавни политички настани.
Политички значаен детаљ од настанот е фактот што поранешниот социјалдемократски лидер се појави опкружен со највисокиот партиски врв. Иако Заев веќе подолго време нема формална партиска функција, прашањето за неговото влијание врз актуелното раководство останува присутно на политичката сцена.
Филипче, кој ја извршуваше функцијата министер за здравство во владата предводена од Заев, застана на чело на партијата во 2024 година по изборниот пораз на парламентарните и претседателските избори, а нивните политички релации се добро познати на јавноста.
До овој момент нема никакви официјални најави за евентуално враќање на поранешниот лидер во активната политика.
