По најавите за одбележување на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, на кое се очекува да дојде и поголема група од Бугарија, околу црквата „Свети Спас“ утре ќе бидат затворени улиците „Самоилова“ и „Лазар Личеноски“. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека македонската полиција ќе обезбеди мирно и достоинствено одбележување.

Пред два дена навивачката група „Комити“ за време на ракометниот натпревар Вардар-Партизан истакна транспарент на кој пишуваше „Стани Македонче, потребна е акција, за даскалот кој ја обедини целата нација“.

Полицијата веќе неколку дена е присутна околу „Свети Спас“. Спасовски неколку пати изјави дека нема да се дозволат ноќни стражи на граѓаните. Опозициските партии информираат дека нивни членови и активисти деновиве се повикувани во полициските станици на информативни разговори.

Најавено е дека на гробот на Гоце Делчев цвеќиња ќе положи целиот државен врв, на чело со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски.

Од бугарска страна се вели дека тие ќе дојдат да му одадат чест на „бугарскиот револуционер Делчев“. Македонската полиција вели дека уште на македонско-бугарската граница ќе одлучат дали некому ќе му забранат влез во Македонија. Бугарската и македонската полиција од понеделникот се во секојдневна комуникација со цел да превенираат какви било конфликти.

Александар Пандов од Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ најпрво најавуваше стража на гробот на Делчев на 4 февруари, а сега вели дека достоинствено ќе се прослави роденденот. Според него, секој што гледа со пиетет на Делчев може да дојде на гробот, но не е дозволиво да има навреди како што беше на 13 јануари на чествувањето на Мара Бунева, кога имаше низа несоодветни квалификации за Македонија и Македонците.

Во денешниот апел на министерот за внатрешни работи се вели:

„Нема да дозволам понижување на македонскиот народ! Институциите работат и се прибираат информации кои значат дека ова очекување на граѓаните ќе биде реализирано.

Мораме да ја деескалираме состојбата што неодговорните политичари, групи и поединци сакаат да ја влошат. Нема да дозволиме никаква ескалација, инцидент или понижување на македонскиот народ и држава од никого

Тука се институциите на системот коишто функционираат и коишто мораат да ги обезбедат сите очекувања кои ги имаме.

Сакам да упатам јасна порака до политичките субјекти и политичарите, да бидеме одговорни во овој процес. Бидејќи, неодговорноста не прави добро на граѓаните и државата, мирот и стабилноста е одговорност на секој еден од нас.

Да се напушти таква реторика од разни ‘патриотски институти’ за тоа што можат да направат.
Немојте како граѓани да подлегнувате на повик на кои било политички субјекти и да преземате надлежност на институциите.

Ова е порака до сите коишто сакаат да учествуваат.

Затоа што минатото покажа дека оние коишто ги мотивираат луѓето наводно да ја чуваат демократијата, државата и националноста, тие остануваат нечепнати. Оние кои посегнуваат по државата, по институциите, сега се наоѓаат во затворските институции.

Секој да овозможи чествувањето на 4 Февруари да биде достоинствено, а институциите се тука да се грижат за се што треба за редот и безбедноста во државата.

Никој не смее да биде и нема да му биде дозволено да биде над државата“