Летната сезона која стартуваше викендов, носи нови летови и нови авиолинии од домашните аеродроми. Германскиот авиопревозник „Луфтханза“ од 23 април ќе почне да лета на релација Франкфурт-Скопје-Франкфурт, со десет летови неделно. Хрватскиот авиопревозник „Кроација ерлајнс“ пак, од 12 мај до 14 октомври 2023 година, два пати неделно ќе лета на новата дестинација Сплит-Скопје-Сплит. А од Белград до охридскиот аеродром, со четири лета неделно од јуни ќе лета српскиот авиопревозник „Ер Србија“.

Од ТАВ Македонија информираат дека продолжуваат и вообичаените сезонски летови до туристичките дестинации во Турција (Анталија, Измир, Бодрум) и Египет (Хургада). сезонски летови од скопскиот аеродром до летните дестинации како и Тунис (Монастир/Енфида).

Според актуелниот ред на летање за скопскиот аеродром, 20 авиокомпании сообраќаат до вкупно 44 дестинации. Од охридскиот аеродром сообраќаат шест авиокомпании до девет дестинации, а од ТАВ очекуваат во текот на летната сезона и летови од Холандија (Амстердам и Мастрихт) и од Полска (Варшава и Катовице).

Според ТАВ Македонија, севкупно, зимската сезона може да се оцени како успешна, особено ако се има предвид фактот дека сè уште на некој начин се транзитира од кризниот период и стремежите да ги надминат бројките од 2019 година. Двата домашни аеродроми лани достигнаа вкупно 2.371.423 патници и 19.448 реализирани летови.

Повеќе летови и нови дестинации се очекуваат и по завршувањето на јавниот повик што го распиша Министерството за транспорт и врски за субвенционирање на авиокомпании. Поддршката ќе изнесува седум евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје и 4,5 евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид.

Понуди на повикот може да се доставуваат до 31 месецов, а отворањето е предвидено за 3 април годинава во 12 часот.