Прекумерната загаденост на воздухот којашто синоќа беше забeлежана на скопското подрачје утринава е намалена, покажуваат податоците од мерните инструменти на интернационална веб-страница IQAir.
Македонската метропола во 8 часот утринава беше рангирана на 29-мо место според степенот на загаденоста на воздухот на листата на најзагадени градови во светот. Индекс на загадувањето е 125, а што значи дека воздухот е нездрав за одредени сензитивни групи на населението, пренесе СкопјеИнфо.
Најприсутни се отровните честички ПМ2,5. Најзагаден град во светот утрово е Акра, Гана со индексот 345.
Инаку, синоќа Скопје беше меѓу 10 најзагадени градови во светот при што околу 16 часот беше на осмо, а околу 17 часот на 9 место според степенот на загаденост.
Причината за намаленото загадување во првиот новогодишен ден може да се најде во значително намалениот сообраќај на градското подрачје во утринските часови. Вчера попладне сообраќајот беше интензивен, а значително се намали со наближувањето на полноќта.