Јавното обвинителство и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал – УНОДЦ ќе ја унапредуваат соработката во борбата против прекуграничниот криминал, нелегалната трговија со дрога и трговијата со луѓе. Договорени се и специјализирани обуки за јавните обвинители, меѓу кои и за примена на вештачката интелигенција во борбата против криминалот.
За можностите за проширување на соработката денеска разговарале јавниот обвинител на Република Македонија, Ненад Савески, и претставници на УНОДЦ, кои престојувале во работна посета на Обвинителството.
На средбата присуствувале регионалниот претставник на УНОДЦ за Југоисточна Европа, Данило Рици, шефот на Програмската канцеларија на организацијата во земјава, Украм Насиров, и Стојна Атанасовска Димишковска од Канцеларијата на УНОДЦ.
Соговорниците ги разгледале можностите за унапредување на соработката во повеќе специфични области, со посебен акцент врз борбата против прекуграничниот криминал, размената на информации и спречувањето на нелегалната трговија со дрога и луѓе.
Како дел од идната соработка биле договорени специјализирани обуки за јавните обвинители за користење на вештачката интелигенција во откривањето и гонењето на криминалот.
Обуките ќе ги опфатат и начините за спречување на трговијата со нови видови наркотици, како и други специфични области поврзани со организираниот криминал.
На средбата било договорено и интензивирање на регионалната соработка, со цел поефикасно гонење на прекуграничниот криминал по должината на Коридорот 8.
Во следниот период ќе продолжи интензивната координација меѓу Јавното обвинителство и УНОДЦ за операционализирање на сите аспекти на договорената соработка, соопшти Јавното обвинителство.
