Околу 35 километри канализациска мрежа се целосно изградени во Претор, Стење, Крани, Долно Дупени и Брајчино преку Програмата „ЕУ за Преспа“. Во завршна фаза е и изградбата на шест пречистителни станици за отпадни води, кои треба да бидат ставени во функција до крајот на 2026 година.

Програмата е финансирана од Европската Унија, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, во партнерство со националните и локалните институции.

Пречистителните станици се градат во Претор, Стење, Крани, Долно Дупени, Брајчино и Сливница, се наведува во соопштението на „ЕУ за Преспа“.

Со новата канализациска мрежа и пречистителните станици во руралните средини се очекува значително да се намалат загадувањето и испуштањето отпадни води во преспанскиот регион.

Раководителот на сектор при Делегацијата на Европската Унија, Еваут Сандкер, оцени дека програмата претставува пример за сеопфатен пристап кон одржливиот развој на регионот.

„Програмата „ЕУ за Преспа“ е добар пример за сеопфатен пристап, кој отвора можности за Преспанскиот регион во насока на обнова на природните ресурси, одржливо земјоделство и туризам, како и унапредување на инфраструктурата за подобро справување со идните климатски промени. Преку оваа програма, Европската Унија инвестира и во инфраструктура која има директно влијание за подобрување на секојдневниот живот на луѓето, но и за иднината на Преспа. Правилното собирање и третман на отпадните води значи почиста животна средина, подобра заштита на езерото и подобри услови за развој на локалните заедници“, изјави Сандкер.

Од новоизградената инфраструктура директна корист ќе имаат повеќе од 1.500 жители во преспанскиот регион.

„Од новата инфраструктура директно ќе имаат придобивка повеќе од 1.500 жители. Покрај подобрувањето на комуналните услови и квалитетот на живот, инвестициите имаат значајна еколошка цел, подобра заштита на Преспанското Езеро“, истакна постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.

Како дел од инфраструктурните подобрувања, поддршка добива и Јавното претпријатие за комунални дејности „Пролетер“. За претпријатието се обезбедуваат нови возила за собирање отпад, канти за домаќинствата, како и софтверска и информатичка опрема.

Со овие инвестиции треба да се модернизираат комуналните услуги и да се воспостави поефикасен систем за управување со отпадот во регионот.

Во рамките на посетата бил разгледан и напредокот во изградбата на граничниот премин Маркова Нога. Проектот се финансира преку Програмата „ЕУ за Преспа“, а градежните активности се во завршна фаза.

Инфраструктурната компонента на интегралната програма „ЕУ за Преспа“ е дел од поширокиот пристап за одржлив развој на регионот. Таа ги поврзува подобрувањето на инфраструктурата, заштитата на животната средина и создавањето подобри услови за живот и развој на локалните заедници.