Блокада на сообраќајот кај мостот „Близнаци“
Поради денешниот протест, целосно е запрен сообраќајот кај мостот „Близнаци“, во близина на поранешниот „Бриколаж“, на границата меѓу општините Аеродром и Гази Баба.
Протести против загадувањето од депониите
Граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ го блокираше сообраќајот, продолжувајќи ги протестите што жителите на Аеродром ги одржуваат веќе една недела. Причина за незадоволството е загадувањето кое, според нив, произлегува од запалените депонии „Вардариште“ и „Дрисла“. Чадот и непријатниот мирис што се шират низ Скопје беа главниот мотив граѓаните да излезат на улица.
Прв утрински протест
Досега протестите се одржуваа во попладневните часови, но денеска за прв пат демонстрациите се случуваат наутро. Организаторите објаснија дека на ваков чекор се одлучиле поради, како што велат, „немањето слух кај надлежните органи за нивните барања и сè поголемото труење кое доаѓа од пожарите на депониите Вардариште и Дрисла, како и од други локации, меѓу кои и пожарот во Трубарево“.