За предлог-буџетот преовладуваат критички мислења од страна на економските експерти, а јас би додал дека предвидениот буџет за 2023 година е пред сè инфлаторен, вели во разговор за Блумберг Адрија ТВ Трајко Славески, професор по економија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, пишува bloomberg Adria.

„Владата веројатно нема намера воопшто да помогне во справувањето со инфлацијата, во координација со централната банка“, нагласува тој.

Предлог-буџетот предвидува раст на приходите од 15 отсто, што, според професорот, е фантастичен раст, но растот на номиналниот БДП изнесува 10 отсто.

„Ова значи дека Владата и натаму планира инфлаторно финансирање, односно користење на оној инфлациски данок со кој ја намалува куповната моќ на парите и истовремено ја намалува и реалната вредност на долгот што треба да го отплаќа“, вели Славески.

Според него, буџетскиот дефицит, кој е проектиран на 700 милиони евра, е превисок.

„Доколку се оствари, скептичен сум дека ќе може да се обезбеди финансирање. Првите знаци за недоверба во платежната способност на буџетот веќе ги имаме последниве месеци, тука мислам на намалувањето на интересот за запишување на државни хартии од вредност, а истото тоа се случува и со благајничките записи, затоа што ликвидноста во економијата опаѓа“, посочува професорот.

Славески додава и дека европската економија веќе ги има првите знаци на рецесија, што ќе се одрази и кај нас.

„Ова значи дека и нашиот раст ќе биде значително помал од оној што се проектира, така што мислам дека имаме само еден прoвизорен буџет, провизорна рамка што ќе треба за многу кратко време, наредната година, да се коригира“, вели Славески.

Целиот разговор со него проследете го во видеото на следниот ЛИНК.