Во Словенија од почетокот на годината стапува на сила нов закон со кој на вработените што се приближуваат кон пензионирање им се овозможува слободен петок или скратено работно време.
Законот, кој предвидува и зголемување на бенефициите за невработените и учесниците во јавни работи, како и олеснет пристап до пазарот на трудот за млади, студенти и пензионери, им дава можност и на постарите работници да ги намалат своите работни обврски. Конкретно, вработените постари од 58 години, како и оние со најмалку 35 години работен стаж, ќе можат да изберат дали ќе имаат слободен петок или ќе работат по шест часа дневно.
Ова за словенечките медиуми го потврди Министерството за труд, семејство, социјални работи и еднакви можности, од каде што информираат дека се подготвуваат и подзаконски акти за целосно спроведување на новите правила.
Еден од клучните елементи на реформата е моделот 80-90-100, кој предвидува работно време од 80 проценти, плата од 90 проценти и целосни придонеси како да се работи 100 проценти. Моделот делумно се темели на искуствата од Исланд, Ирска и Германија, каде што вакви решенија донеле поголема продуктивност, помало отсуство од работа и подобра ефикасност. Во Словенија, вакви пилот-проекти веќе биле спроведени во технолошки компании со слични резултати.
СЛОБОДЕН ПЕТОК ИЛИ СКРАТЕНО РАБОТНО ВРЕМЕ
Од Министерството за труд, кое го предводи Лука Месец од партијата Левица, наведуваат дека доколку промените се покажат како успешни, ќе следи понатамошна либерализација на трудовата регулатива. До крајот на 2028 година се разгледуваат и дополнителни можни измени, меѓу кои надомест за работа во сабота, задолжителен божиќен бонус за сите вработени и воведување на 38-часовна работна недела.
Како дел од првата фаза од законските измени, предвидени се и зголемени бенефиции за невработените. Од 2026 година, максималниот надомест во првите три месеци по губење на работата ќе изнесува 130 проценти од просечната бруто минимална плата, која во моментов надминува 1.660 евра. По истекот на тие три месеци, надоместокот ќе се намалува на 110 проценти, потоа на 100 проценти, а на крај на 70 проценти од просечната бруто минимална плата.
Зголемувања и подобрени услови се предвидуваат и за учениците, студентите и учесниците во јавните работи, преку повисоки минимални часовни плати. Воедно, планирани се и посебни стимулации за вработување лица постари од 59 години, кои можат да достигнат до 40 проценти од месечниот нето-надомест, како и проширување на дозволениот број часови за повремена и привремена работа.
За пензионерите, законските измени предвидуваат зголемување на месечниот лимит за работа од 60 на 85 часа, со што пропорционално се зголемува и максималниот годишен приход што можат да го остварат по оваа основа.
СЛОБОДЕН ПЕТОК ИЛИ СКРАТЕНО РАБОТНО ВРЕМЕ
