Од 1 декември, Франција ќе ја зголеми минималната нето плата (SMIC) за 1,6 проценти на околу 1.502 евра месечно, што е зголемување од приближно 24 евра, објави денес министерот за труд Жан-Пјер Фаранду, но синдикатите ја оценија оваа мерка како незадоволителна.
Генералната секретарка на синдикатот CGT, Софи Бине, оцени дека зголемувањето е недоволно, нарекувајќи го „мал износ“, додека синдикатот ги повика вработените, пензионерите и младите луѓе на нови штрајкови и протести на 17 ноември, пренесува Фигаро.
Генералната секретарка на синдикатот CFDT, Мерилис Леон, исто така оцени дека зголемувањето на минималната плата од 1,6 проценти е недоволно, иако ја поздрави одлуката на владата да ги услови одредени форми на помош за компаниите со преговори за плати на ниво на економски гранки.
