Судската седница за случајот „Беса транс“ по трет пат е одложена поради отсуство на претставници од македонската царина. Од судот ни рекоа дека нема правен начин како да се натераат да се појават во судот, а во меѓувреме од царината не одговараат зошто дозволуваат да се одолговлекува судскиот процес поради нивните отсуства“.
На седницата отсуствуваше и претставникот на „Беса транс“, Шабан Хоџа, кој, според адвокатот имал смртен случај во странство и бил принуден да замине. Следното рочиште е закажано за 31 март.
Според обвинението, сопственикот на „Беса транс“, 41-годишниот Беким Хаџиу користел потврда за лиценца која не била издадена од Министерството за транспорт и врски. Според обвинителството, станува збор за фалсификувана потврда за дозвола за меѓународен транспорт и со овој лажен документ само минатата година автобусот на Беса Транс, успеал 20 пати да ја напушти државата.
Одбраната го негираше ова обвинение. Според нив, не е точно дека е користен лажен документ, туку оригинален. Адвокатот на сопственикот на „Беса транс“ вели дека мора да се бара одговорност од царинските службеници.
Во автобусот на „Беса транс“, кој се враќаше од Турција, на 23 ноември загинаа 45 лица, од кои 12 беа деца.