Необична временска појава денеска е забележана на Шар Планина, каде што на 24 јули падна снег на највисоките делови над Попова Шапка. Станува збор за ретка глетка за овој период од годината, а побелените предели привлекоа големо внимание кај граѓаните и посетителите на планината.

Информацијата ја објави метеорологот Славчо Попоски, кој истакна дека неговите прогнози за оваа појава се оствариле. „Верувале или не: Денес, на 24 јули, на Шар Планина, над Попова Шапка, врне снег. Моите прогнози се остварија“, напиша Попоски.

Снегот на крајот на јули е невообичаен, но ваква појава е можна на највисоките планински врвови кога во регионот ќе навлезат постудени воздушни маси и ќе предизвикаат значителен пад на температурите.

Граѓани и посетители на Шар Планина споделуваат фотографии и видеа од снегот и од побелените предели на социјалните мрежи.