Со 77 гласа „за“, Собранието на Македонија денеска изгласа недоверба на Весна Дамева, член на Судскиот совет, откако беше утврдено дека значително ги загрозила независноста, професионалноста и угледот на судството.

Во образложението на интерпелацијата се наведува дека Весна Дамева не ја извршувала својата функција во Судскиот совет, со што ја поткопала довербата на граѓаните во судските институции. Со ова, таа го губи легитимитетот да учествува и одлучува во работата на Советот.

Интерпелациите се дел од прочистувањето на судството

Во рамки на дебатата, Ѓорѓија Сајкоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека интерпелациите на пет членови на Судскиот совет се клучен чекор во процесот на судска реформа.

„Ова е клучен момент во борбата за владеење на правото, за правдата и довербата во институциите. Со овие интерпелации не му судиме на судството, туку ја детектираме одговорноста на оние кои требаше да бидат коректив и носители на правда. Судската власт мора да функционира со интегритет и професионалност,“ изјави Сајкоски.

Оваа одлука е дел од пошироката иницијатива за враќање на довербата во судските институции и зацврстување на независноста на правосудниот систем.