Собранието ќе одлучува за кризната состојба во енергетската област

С
Економија 30.09.2022. 08:56

Собранието денеска треба да одлучува за продолжување на кризната состојба во енергетиката за уште шест месеци, од утре до крајот на април следната година, со оглед дека денес истекува важноста на владината одлука за таа намена, што стапи во сила од почетокот на месецов.

По петдневна комисиска расправа, на денешната 86. пленарна седница треба да се расправа за предлог-одлуките за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на целата територија на државата, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија, како и за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија. Комисиската расправа за предлог одлуките заврши завчера, а ја одбележаа меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата за состојбите во енергетиката.

Премиерот Димитар Ковачевски и вчера повтори дека на 15 октомври ќе почне грејната сезона во Скопје и оти парно ќе има, како и дека се во тек преговори со Србија и Турција за обезбедување енергенси.

На седницата за пратенички прашања, Ковачевски посочи дека Економско-енергетскиот совет веќе донесе одлуки според кои сите училишта во земјава се ставаат на регулираниот пазар, а болниците ќе добиваат поевтина струја преку ЕВН продажба.

-За да нема физички прекин на наставата, донесовме одлука на регулираниот пазар да бидат и основните и средните училишта. Ако општините направеа реорганизација на своите трошоци и ребаланси на буџетите и ако се водеа од тоа дека постои енергетска криза, не ќе имаше потреба да бидат ставени на регулираниот пазар. Кога ги правеа буџетите тие воопшто не земаа предвид дека се наоѓаме во енергетска криза. Тоа го кажав, но бев критикуван, за на крајот Данела Арсовска да рече дека не може да испорача ништо зашто сме биле во енергетска криза. Сега сите сфатија дека се во енергетска криза ама никој не седна да направи ребаланс, рече Ковачевски.

По предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за надминување на енергетската криза што беше објавен завчера, вчера лидерот на партијата Христијан Мицкоски го повика премиерот Ковачевски на дебата за понудените решенија во предлогот.

-За да нема дилеми, за да нема недоречености го повикам првиот човек на Владата Димитар Ковачевски јавно заедно двајцата да избере медиум, ден и време кога ќе зборуваме пред македонската јавност за тоа што нудам јас, што нуди опозицијата ВМРО – ДПМНЕ, а што нуди Владата, изјави Мицкоски.

Клучната поента од предлогот на опозициската партија, како што рече, се дополнителни количини на електрична енергија од домашно производство добиени со користење на евтин ресурс за стопанството и економијата, да може бизнисот да се развива, а работниците да ги задржат своите работни места, и дополнителни количини на топлина, за да може скопјани и сите корисници на централното греење во главниот град да не плаќаат повисоки сметки за затоплување на нивните институции и домови.

-Заштеда од минимум 300 милиони евра, пари коишто оваа Влада ќе ги потроши во периодот којшто следи, граѓански, народни пари коишто ги нема, а ќе ги земе преку скапи кредити задолжувајќи се на домашниот и меѓународниот пазар. Понатаму, зголемување на БДП, рече Мицкоски.

Според министерот за економија Крешник Бектеши, ако се потпише договор со Србија, земјава ќе набави гас по најмалку три до четири пати пониски цени од берзанските. Доколку се финализира договорот со купениот гас од Србија, ќе се произведува електрична енергија, од која дел потоа ќе се продава назад во Србија, а дел ќе се понуди на домашното стопанство.

Доколку не се договори опцијата за гас и не се обезбедат доволно средства за набавка на природен гас по берзански цени, тогаш, според владиниот советник за енергетика Виктор Андонов, постои резервна варијанта, а тоа е работа на мазут.

– Се надеваме дека до таа крајна варијанта нема да дојде. Ако не се договориме, топланите ќе работат на мазут, а количините ќе се обезбедат, за што се разговараше со Грција, изјави Андонов во средата.

Во меѓувреме, Економско-енергетскиот совет донесе одлуки да почне постапката за издавање лиценца за производство на топлинска енергија од регулиран пазар, потоа на регулираниот пазар да бидат основните и средните училишта, а сите јавни здравствени установи да бидат обезбедени со електрична енергија преку ЕСМ продажба по поповолна цена од берзанската.

Од друга страна, се уште нема исход од разговорите за функционирање на когенереативната постројка ТЕ-ТО во грејната сезона, како и помеѓу државната ЕСМ со „Адора“ за топланите Исток и Запад. По инсистирањето на „Адора“ за продажба, а не за закуп на топланите, од Владата најавија дека доколку не се постигне решение согласно со Законот за управување со кризи, државата има право да ги стави на располагање сите ресурси – и на државата и на јавните претпријатија и на приватните компании.

Од „Адора инженеринг“ вчера информираа дека е согласни, доколку се изнајде модел за да се подмират нивните побарувања, да се премине кон краткорочен договор за закуп со АД ЕСМ до моментот на реализација на сите потребни услови за купопродажба.

– Во текот на вчерашниот и денешниот ден имавме опсежни состаноци со РКЕ, ЕСМ и БЕГ, каде што сите страни ги препознаваат ненаплатените побарувања кои законски ни следуваат, односно долгови кон Адора за изминатиот период. Договорено е РКЕ, ЕСМ и БЕГ да изнајдат модел во кој, во овој момент ќе се намират побарувањата кон Адора со цел да стапиме кон регулирање на идните односи за топланите со АД ЕСМ. Доколку постигнеме решение по ова разумно барање, Адора е спремна, иако на наша финансиска штета од 550 000 евра на годишно ниво, но во максимален интерес на граѓаните, да пријде кон краткорочен договор за закуп со АД ЕСМ до моментот на реализирање на сите потребни услови за купопродажба, се вели во соопштението од „Адора“.

Доколку не се најде решение по овие прашања, велат од „Адора“, Владата има можност да ги употреби соодветните членови од законите за енергетика и справување со кризи, со цел да ги користи топланите без наша согласност кое би значело директна повреда врз правото на сопственост.

Од 1 септември во земјава на сила се мерки за штедење со кои институциите се обврзани да ја намалат потрошувачката на струја за 15 проценти, а упатени се и препораки до граѓаните за штедење електрична енергија. Власта побара поддршка во активностите за справување со енергетската криза и од верските заедници со повици за штедење.