Заострена реторика или нов политички пресврт на релација Скопје – Софија? Бугарското МНР денеска го обвини премиерот Ковачевски за цинизам. За официјална софија неумесна е оценката на Ковачевски на Самитот на Совет на Европа во Рејкјавик дека Бугарија се однесува кон Македонија како Русија кон Украина.

МНР Бугарија – Изјавата на премиерот на Македонија уште еднаш јасно го покажува вистинскиот однос на Скопје кон главните вредности на ЕУ и отфрлањето на правото да реагира на постоечките дефицити. Секоја аналогија со страдањето на украинскиот народ во сегашната неоправдана војна на Русија е цинична и неприфатлива.

Остри обвинувања и од бугарскиот европратеник Андреј Ковачев – тврди дека Пендаровски е иницијатор на таканаречени „црни листи“со Бугари на кои им е забранет влез во Македонија и дека тоа станало јасно во јануари „на средба на Пендаровски со службите“. Од кабинетот на шефот на државата, денеска порачаа дека, претседателот нема да ги коментира обвинувањата што пристигнуваат од бугарските политичари.

А, бугарски и македонски аналитичари советуваат да се намали тензијата меѓу Скопје и Софија.

Владимир Владимирот бугарски аналитичар – Националистичката реторика, на пример, на бугарскиот претседател Радев, не соодетствува со реторика на државен лидер на држава членка на Европската унија во 21ви век. Но тој решил дека Бугарија така треба да изгледа во очите на соседите и членките на НАТО , а опасноста е во блокада на зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ, што е од стратешка важност за Бугарија , ЕУ и за целиот Балкан.

Владимиров вели дека Бугарија и Македонија на Советот на Европа се однесувале типично балкански и демонстрирале дека не се дораснати да учествуваат на меѓународни Самити.

И македонските аналитичари велат дека заострената реторика нема да донесе ништо добро.

Александар Кржаловски – Ако се заострува и понатаму, дури и да ги донесеме уставните измени, ќе има подоцна основа за Бугарија понатаму да интервенира во поглавјата или на други начини да пречи.

Во политичкиот фолклор меѓу Скопје и Софија, во најава е свечена церемонија на бугарскиот претседател Румен Радев , кој треба да им врачи бугарски лични документи на претседателот и секретарот на затворениот бугарски клуб од Битола „Иван Михајлов“.